Македонскиот првак, Вардар во Охрид го одржа последниот тренинг пред супер дербито со Пелистер во Битола. Натпреварот од првото коло во пролетниот дел од сезоната во елитното друштво ќе се игра в среда на “Тумбе Кафе“ со почеток во 14 часот.


–  Атмосферата во екипата во пресрет дербито со Пелистер е одлична. Во Охрид поминавме неколку денови кои ги искористивме за да се припремиме подобро за дербито. Нема да отстапиме од нашиот став и на секој натпревар без оглед на противникот ние ќе атакуваме на победа – рече тренерот на Вардар, Никола Илиевски “Џиџи“.

Иако се најавуваше дека најзвучното засилување на македонскиот првак Ацо Стојков во зимскиот преоден рок ќе има право за настап против Пелистер, тоа нема да се случи. Документите на поранешниот репрезентативец сеуште не се комплетирани и ќе почека за деби во дресот на Вардар.


Покрај Стојков во конкуренција за мечот со Пелистер нема бидат повредениот голман Захов и дефанзивецот Танески.

Според изгледот на табелата фаворит во овој дуел е Вардар, кој се закити со титулата есенски првак во Првата македонска фудбалска лига. Во досегашната сезона Пелистер и Вардар се сретнаа три пати, а на сите на победа се радуваа “црвено црните“. 


–  Позицијата на табелата не секогаш ја дава реалната слика на дербито помеѓу овие два клуба. Ривалствотот е големо, мотивацијата е уште поголема затоа ние сме спремни да одиграме добар натпревар и на крајот со нашите навивачи да се радуваме на победата во Битола – рече најдобриот стрелец во составот на Вардар, Јован Костовски.

Фудбалскиот спектакл на “Тумбе Кафе“ ќе биде збогатено со навивачите на двете екипи. Свое присуство најавија “комити “, а неизбежен декор на средбите на Пелистер кога игра на домашен терен се “чкембарите“ кои долго време се подготвуваа за натпреварот.

Мх.П.