Андреа Лекиќ и Јованка Радичевиќ, ракометните репрезентативки на Србија и
на Црна Гора, потпишаа едногодишни договори со ЖРК Вардар СЦБТ, објави
клубот на својата интернет страница.

Ракометарките кои до крајот на сезоната ќе останат во Ѓер, потпишаа
договори за следната сезона, со можност истите да бидат продолжени за
уште една година.

Лекиќ и Радичевиќ на последното Европско првенство, кое се одржа во
Србија, а на кое титулата ја освои Црна Гора, беа избрани во идеалниот
тим на првенството.

„Мило ми е што ќе бидам дел од овој нов проект на Вардар. Ова е еден
голем предизвик за мене. Се надевам дека веќе во наредната година ќе се
покажат резултатите и ќе се подигне нивото на македонскиот женски
ракомет како што беше пред десетина години. Знам дека Македонија го сака
ракометот и има прекрасна публика, можев тоа да го видам на Европското
првенство во Србија. Тоа е голем мотив и навистина се радувам што ќе
бидам дел од овој тим. Верувам дека оваа екипа ќе има што да каже и
покаже и дека ќе и се оддолжиме на прекрасната македонска публика со
добри игри и резултати“, изјавила 25-годишната Лекиќ, која настапува на
позицијата среден бек.

Во својата исклучително богата кариера, најдобрата српска ракометарка
има шест шампионски титули освоени во три земји – шампион на Србија со
екипата на ЖРК Књаз Милош (2007), шампион на Словенија со Крим (2008,
2009, 2010, 2011) и шампион на Унгарија со Ѓер (2012). Лекиќ важи за
еден од најдобрите средни бекови во Европа.

Таа е лидер и најдобар стрелец во репрезентацијата на Србија. Со 33
гола, Лекиќ беше прв стрелец на Србија на ЕП 2012 и ја предводеше
својата селекција која го освои 4.место на овој шампионат, откако во
полуфиналето со еден гол разлика загуби од актуелниот европски шампион,
Црна Гора. Андреа Лекиќ во дресот на српската репрезентација има
одиграно 70 натпревари и е прв стрелец во актуелниот состав со 357 гола.

Црногорската репрезентативка Јованка Радичевиќ во својот ангажман во ЖРК
Вардар СЦБТ гледа нов спортски предизвик и уште од сега му се радува на
своето доаѓање во Скопје и на македонската публика.

„Секогаш сакам нови предизвици во спортот, сакам да пробам нешто ново и
да видам како ќе  биде. Вардар е екипа што има големи амбиции и сакам да
се вклопам во тоа, да покажам што знам и да успееме. Го сакам Скопје и
Македонија и верувам дека мојата одлука да играм за Вардар е вистинска и
дека сум одбрала вистински клуб. Ги знам повеќето од играчите со кои ќе
играм во тимот, но јас стално велам дека не игра името, туку ние треба
да дадеме се од себе. Освен големите амбиции на клубот, она што посебно
ми е се допаѓа е што во тимот на Вардар се вклучени луѓе со вистински
човечки квалитети. Верувам дека со добра работа и со залагање ќе може да
се носиме со повеќето екипи во Европа. И уште од сега се радувам на
моето доаѓање во Скопје и на фантастичната публика. Секој играч сака да
игра пред добра публика, а знам дека Скопје и Македонија го имаат тоа“,
изјавила 26-годишната Радичевиќ, која настапува на позицијата десно
крило.

Јованка Радичевиќ  со репрезентацијата на Црна Гора ја освои
шампионската титула на ЕП 2012 во Србија и на олимпиското сребро од
Лондон, додаде и европско злато. На ЕП во Србија, Радичевиќ постигна 40
гола и беше втор стрелец во редовите на европскиот шампион. Во својата
репрезентативна кариера Јованка Радичевиќ има 102 настапи за
репрезентацијата на Црна Гора на кои има постигнатото 550 гола.

Во клупската кариера,  Радичевиќ  со екипата на Будуќност има седум
шампионски и седум титули во Купот на Црна Гора (2005-2011) како и две
титули во Купот на ЕХФ (2006, 2010) и една шампионска и Куп титула на
Унгарија со екипата на Ѓер. Лани Андреа Лекиќ и Јованка Радичевиќ со Ѓер
играа во финалето од Лигата на шампионите.

Ohridnews