Македонската ракометна репрезентација само со вајлд карта ќе може да учествува на Мундијалот во Египет следната година, додека на Вардар без борба му е одземена европската круна на клупски план.

„Црвено жолтите“ се елиминирани од бараж дуелот со Франција без да одиграат натпревар, откако Извршниот комитет на ЕХФ одлучи да ги укине сите квалификациските средби и баражи.

ЕХФ донесе одлука од Европа на Светското првенство во Египет да учествуваат најдобрите 14-ет пласирани селекции на последното Европско првенство. Македонија, континенталниот собир го заврши на „несреќното“ 15-то место.

Спасот за Македонија е поканата за учество позната како вајлд карта. ИХФ треба да додели две вајлд карти и можеби, една ќе биде за нашата селекција. Се споменува, дека едната покана е резервирана за Соединетите американски држави.

ЕХФ денеска донесе одлука за комплетно завршување на Евро-сезоната со исклучок на Ф4 турнирите на клупски план. ЕХФ, во Лигата на Шампиони ќе организира турнир на кој ќе учествуваат четирите најдобри екипи според пласман во елитните групи. Вардар кој е бранител на трофејот не е помеѓу двете првопласирани на табелата и автоматски е елиминиран. На Ф4 турнирот ќе учествуваат Кил, Веспрем, Барселона и ПСЖ.

OhridNews