Градот на културата, градот на УНЕСКО, градот на она со што би требало да се гордееме станува град на дивоградби, град на неказнивост, на локални шерифи кои во меѓукоалициски договори избегнуваат да го почитуваат законот, рече претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска денес од Охрид каде оствари средби со граѓаните.
При тоа морам да го истакна и моментот на нарушување на антифашистичкото наследство на спомен плоча која беше тргната заради изградба на објекти. Ова е време во кое одлучуваме за иднината. Охрид е загрозен, Охридското Езеро и од еколошка смисла. Нема проблем кој не се вкрстува во овој крај, овој град и овој регион. Се обидуваме дирекно лице во лице со граѓаните да зборуваме за сето она за што против кандидатите повеќе сакаат да зборуваат од бини, заштитени зони. Ние работиме на начин кој нам ни е достапен. Во мојата програма има еден аспект кој се однесува на заштитата на човековата средина, односно заштитата на иднината на човештвото, потенцираше Ванковска.
Истакна дека од Охрид може да се зборува и низ една призма која е актуелна на овие претседателски избори, а тоа е внесување на Бугарите во македонскиот Устав.
Како што знаеме бугарската јавност и историографија дури Охрид го смета за колевка на бугарштината. Одовде јас порачувам дека како евентуално иден претседател никогаш нема да дозволам внесување на Бугарите во Уставот, затоа што во план имам сосема нов Устав. Меѓутоа морам да порачам дека сите оние бајки за наречено одложено дејство на уставни промени се само замка во која ќе влеземе исто како во Преспанскиот договор. Мојата агенда предвидува нов Устав, иницијатива за донесување на апсолутно нов устав кој би го донеле ако не во 2024 година, бидејќи самиот процес бара време, може да биде 2025 година, но во рамки на мојот мандат од пет години. Се разбира конечниот збор ќе го има парламентот, двотретинското мнозинство, меѓутоа, ако низ дебата на консултативен процес со граѓаните направиме како што направи Чиле, со уставотворно, народно собрание да понудиме нов модел на модерен устав ставен на увид на јавноста. Сакате ваков трибалистички, етнонационалистички кој не дели, или сакаме да бидеме држава од 21 век, додаде Ванковска.
Претходно денес Ванковска на средба со граѓаните на Струга порача дека мора да се сврти нов лист за заедничко добро, бидејќи државата постои за граѓаните, а не обратно.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска