По замрзнувањето на цените на одредени производи, зачестени се поплаките на потрошувачите, вели Вангел Спироски од Организацијата на потрошувачи – ОПМ во новото изданиое на емисијата „Напладне“.

Добиваме поплаки од граѓаните за непочитување на овие (замрзнатите) цени. Исто така добиваме поплаки од граѓаните дека има случаи една цена да биде на рафт, а друга на каса. Некои граѓани реагираат на тоа, некои не. Тие тогаш веднаш да реагираат кај менаџерот на продавницата, а доколку не можат да се обратат до Организацијата за заштита на потрошувачи или до Пазарната инспекција. – истакнува Спироски.

Поплаки има постојано, вели Спироски, советувајќи ги граѓаните да внимаваат на нивните права при купување.

Поплаките најчесто се однесуваат за производи со поминат рок, неразбирлива декларација на која нема информации на македонски јазик. Добиваме поплаки за непочитување на гаранции и гарантен рок, кога во гарантен рок не се почитува во рок од 30 дена дека треба да се поправи производот, исто дека во рок од 15 дена можат да го заменат производот ако е доставен онлајн доколку купувачот е незадоволен. Се реагира на брзите пошти кои не им даваат можност на купувачите да го проверат производот пред да го земат. Законски купувачот има право да не го земе производот доколку не провери дали тој е во исправна состојба, а доколку се потпише и го земе производот без проверка, тогаш нема основа да се жали доколу тој е оштетен. – посочува Спироски.

Иако ОПМ постои од 2006 година, граѓаните недоволно се едуцираат за нивните потрошувачки права, смета Спироски.

Иако постојано објавуваме информации на социјалните мрежи, правиме и кампањи, граѓаните многу малку читаат за тоа, односно бараат помош само кога имаат некаков проблем. – укажува Спироски.

Тој вели дека соработката со Пазарната инспекција е на исклучително ниво и ги охрабрува граѓаните да ги пријавуваат проблемите. На овие и други актуелни теми со Вангел Спироски од Организацијата на потрошувачи Охрид разговараме во новото издание на „Напладне“.

Вангел Спироски во „Напладне“

OhridNews