Во филигранот на Дерабан се вградени национални белези и во него пулсираат исконските дамари на македонската стара цивилизација. Тој е синоним за македонскиот филигран и во неговиот дуќан дишат охридското и македонското кујунџиство од турско време до денес. Ова беше истакнато на Творечката лабораторија на која беше претставено делото на Вангел Деребан, со која отпочнаа свеченостите  по повод  патрониот празник на Охрид  Свети Климент Охридски- заштитникот на градот и на Македонската православна црква.

„Делата на Деребан со своето врвно филигранско мајсторство ја одразуваат специфичноста на македонската култура и традиција“, истакна етнологот Марија Каневче.


Вангел Деребан е национално богатство

Зборувајќи за неговите дела, Драгица Силјаноска истакна дека Вангел Деребан е национално богатство и заштитен знак на Охрид. „Тој го прослави македонскиот филигран и накит кој го носат видни светски личности меѓу кои данската принцеза Маргарит II и поранешниот државен секретар на САД Медлин Олбрајт“, рече Силјаноска.

Вангел Деребан вели дека и понатаму оди во неговиот дуќан во охридската чаршија. „Подработувам по некој брош или прстен, а би сакал моите деца да ја продолжат традицијата“, рече Деребан.

Вангел Деребан е роден во Струга пред 87 години. Филигрански чирак бил уште од најрано детство. Тој е шеста генерација филигрански мајстори на фамилијата Деребан. Сребрената пеперутка позната по тв спотот  „Купувајте македонски производи“ која се чува во националниот Музеј на Македонија ја има изработено неговиот татко Александар.

Пред две години Вангел Деребан го доби највисокото општинско признание, Свети Климентовата награда. Тој  е и автор на две книги „Битола град на мојата младост„ и „Македонски накит“.


инсерти од документарниот филм за Дерабан на ТВМ

Во рамките на свеченоста посветена на делото на Вангел Деребан, во малата сала на Центарот за култура беше прикажан документарниот филм посветен на големиот филигрански мајстор  во изработка на локалната телевизија ТВМ.

OHRIDNEWS
фото: Васко Бујароски