Непознати сторители испишале графити на еден од ѕидовите на новата фасада на подрачното училиште ОУ „Св.Климент Охридски“ во населба Далјан. Реконструкцијата на фасадата завршила вчера, а за денес била предвидена промоција на активностите за реконструктивните зафати кои биле извршени во училиштето, но утринава вработените и учениците ја затекнале сликата на вандалскиот чин, информираше директорката  на училиштето Наташа Танеска

Недозволиво е да постои толку ниско ниво на свест кај граѓаните, се работи за објект во кој учат дечиња и училиште во кое со децении наназад не беше инвестирано ни денар, а децата учеа без основни елементарни услови. Денес, веднаш ќе постапиме и ќе ги избришеме графитите, но бојата нема да го покрие срамот на поединци кои немаат ниту совест ниту свест и од непознати побуди и причини прават вакви срамни дела. Ги повикуваме надлежните институции да ги пронајдат сторителите, вели Танеска.

Вандалскиот чин го осуди и првиот човек на Општина Охрид, Константин Георгиески и повика на поголема свест кај граѓаните.

Вчера ја завршивме фасадата, а денес осамна испишан графит на фасадата и сакам да го осудам тој чин. Ги повикувам граѓаните да се совесни, сепак сите работиме за доброто на нашите најмлади, да им овозможиме што подобри услови за следење на наставата и ги повикувам граѓаните да се воздржат од вакви чинови кои не носат ништо добро за никого, вели Георгиески.


Во изминатиот период во училиштето беа извршени низа реконструктивни зафати за подобрување на условите за настава. Извршена е промена на дограмата, реконструирани се подовите во сите училишни простории, поставен е нов систем за греење, поставена е нова енергетска фасада,  и поставена е нова опрема на спортското игралиште.

 

К.А.