Мостот кај ОУ „Христо Узунов“ по се изгледа служи за се, освен за тоа што е наменет. Овој безбедносен премин што пред повеќе години го изгради кабелскиот оператор „Инфел“ постојано е мета на несовесни граѓани, а така беше и синоќа кога група  млади луѓе ја уништиле штотуку поставената електрична инсталација на мостот. Без причина ги откорнале каблите и ги уништиле новопоставените светилки на мостот, а ја оштетиле и инсталацијата од новогодишните светлечки реклами.


уништени светилките на мостот…

Инцидентот како што ни изјави Саше Вељаноски виш референт за јавно осветлување во локалната самоуправа, се случил околу 23:30ч. синоќа. „И покрај апелите на градоначалникот и локалната самоуправа испратени преку медиумите да се чуваат новогодишните реквизити синоќа се случи вандалски чин при што е уништена електричната инсталација на мостот“ , ни изјави Вељаноски.


…и каблите

И досега имало испади на оваа локација но последниот инцидент ги преминува сите граници на нормално однесување, додава Вељаноски. Тој објаснува дека каблите и оштетената инсталација биле под напон и чиста среќа е што не дошло до посериозен инцидент. „Ова се случило под напон и среќа е што осигурувачите навреме реагирале и испаднале од систем, но најголемата опасност претствуваа уништените светлечки реклами кои беа поставени покрај мостот, бидејќи несовесните сторители кога ги откачиле електричните кабли не воделе сметка дека тие остануваат под напон и дека постои сериозна опасност за пешаците кои несакајќи можеле да нагазат на тој кабел и да дојде до  несакани последици“, вели Вељаноски. Тој информираше дека уште синоќа веднаш било реагирано да се отстрани опасноста, а воспоставен бил и контакт со училишното обезбедување и полицијата која треба да го расветли случајот.


Можело да дојде и до несакани последици-Саше Вељаноски

Жители од околните куќи и вработени во дуќаните велат дека делото го сторила група млади, најверојатно средношколци кои подолго време недолично се однесувале и правеле штети на мостот. Граѓаните се вознемирени бидејќи безбедносниот мост како што велат станува дувло на наркомани и сомнителни типови и бараат полицијата и градските власти поенергично да се справат со проблемот бидејќи во непосредна близина се наоѓа основно училиште.


Не се користи доволно и се уништува-мостот кај ОУ „Христо Узунов“

Штетата на мостот кај ОУ „Христо Узунов“ се проценува на околу 100.000 денари и како што најави Вељаноски, локалната самоуправа веднаш ќе ја санира. Тоа нема да вреди многу ако вака продолжиме да се однесуваме кон општите добра, вели Вељаноски кој се надева дека синоќешниот ќе биде и последен таков инцидент.

Горан Момироски