Непознати сторители ноќта во саботата извршиле сквернавење на бистата на македоснкиот поет Анте Попоски во алејата на писателите во Струга и го искршиле стаклото од спомен плочата на Миладиновци на која е напишана антологиската Тга за југ, која се наоѓа пред Центарот за култура.
нов атак на алејата на пистаелите во Струга
Бронзената биста на Анте Попоски била демонтирана од постаментот и фрлена во водите на Охридското Езеро, каде утрово случајно ја нашле кајакари од локалниот клуб. Најверојатно целта на сторителите не била бистата да ја украдат заради продавање на откупувачи на старо железо, а дополнителни сомневања дека можеби се работи за поинакви мотиви отвора кршењето на стаклото од плочата на која е напишана песната Тга за Југ. Дали двата инциденти биле предизвикани од ист сторител, и кои биле мотивите, ќе истражуваат надлежните органи.
настрада и спомен плочата на Миладиновци во центарот на градот
Годинава ова е втор пат да бидат сквернавени бисти на македонски поети во алејата на пистаелите што се наоѓа веднаш до дримот. Во март оттаму исчезнаа и бистите на Ацо Шопов и на Славко Јанески која подоцна беше пронајдена во Охрид, а сторителите беа откриени.
Стружани ги осудуваат нападите на спомениците на културата за кои сметаат дека се дело на вандали кои го загрозуват соживотот во мултиетничка Струга.
Горан Момироски
фото:Мехмет Латифи