Во последната премиерлигашка титула на Манчестер Јунајтед под водство на Сер Алекс Фергусон, Робин ван Перси заврши како најдобар стрелец во лигата, со 30 погодоци. Холанѓанецот на Олд Трафорд се пресели од Арсенал во трансфер вреден 30 милиони евра. Ван Перси после осум години ја отвори душата и откри, каков разговор имал со управата на Арсенал пред да се пресели во редовите на „црвените ѓаволи“.
Се колнам во децата, ако некој ми најде доказ дека ми бил понуден договор од Арсенал, истиот момент ќе му дадам милион фунти. Арсенал донесе одлука да не ми понуди нов договор, јас изнесов седум точки по кои сметав дека можеме да напредуваме како клуб, не е важно кои беа тие точки, важно е дека Иван Газидис не се согласи со ниту една од нив. Откако го примија мојот предлог решија да не ми понудат нов договор. Не се согласуваа со моите замисли за клубот, а јас само сакав да помогнам. Тоа беа мои искрени идеи како може да напредува клубот. – изјави Ван Перси.
Голгетерот немаше крај како што посакува во Манчестер Јунајтед бидејќи не најде заеднички јазик со менаџерот Луис ван Гал. Ван Перси после три сезони си замина од Олд Трафорд и го засили турски Фенербахче.
Имав разговор со Ван Гал на кој ми рече дека патиштата ни се различни. Јас сум тренер, ти си играч. А, твоето време тука е истечено и мораш да си одиш. Му одговорив дека имам договор, на што тој онака брутално ми рече дека тоа не му е грижа и дека ќе направи се да заминам од клубот. Немилосрдно. Мене ми е јасно дека во фудбалот нема милост и дека некогаш ќе дојде разделба, но таква немилосрдност од сонародник не очекував. Семејството ми беше среќно во Англија. Имав договор со клубот, децата ми одеа во школо, имав пријатели и во една секунда се ти се руши. На пат кон дома размислував како да реагирам на таква ситуација, немилосрдна, тешка и директна. Многу нешта ми се мотаа низ главата. На тренинзите ми даваа топка сам да тренирам издвоен од екипата. Беше навистина тешко, но издржав без да направам некаков проблем. – истакна Ван Перси.
Титулата во 2013 година е последна за Манчестер Јунајтед во Премиер лигата.
OhridNews