Иницијативата „Збогум Букoво“ организира еко акција под мотото „Валкаме заедно, чистиме заедно“. Упатуваат повик до сите љубители на природата, граѓани и поддржувачи на иницијативата да се придружат кон еко-акција за чистење на макадамскиот пат кој ги поврзува селата Велестово и Рамне.

Оваа акција е одлична прилика да се активираме, да направиме нешто добро за нашата околина, да се забавуваме во природа и да присобереме малку вит. Д. На последниот дел од патеката, ќе го чистиме асфалтот од село Рамне до маркет „Видобишта“, каде што ќе ја завршиме нашата акција. Оваа акција не само што има за цел да го исчисти овој пат, туку и да поттикне размислување и да овозможи атмосфера во која ќе се предложат решенија за заштита на оваа прекрасна патека, којашто е идеална за рекреација на деца, семејства и пензионери. Меѓу многубројните предлози е и изградбата на времен објект (кафе-бар во контејнер) на локацијата, кој би служел како стартна точка за забавно-едукативен парк на отворено. Сметаме дека овој дел, во непосредна близина на Управната зграда од Национален Парк „Галичица“, може и треба да прерасне во зона за рекреација на најмладите со бројни едукативни, образовни и спортски содржини, велат од Иницијативата „Збогум Букoво“.

Акцијата, посочуваат, ќе има и образовен елемент, особено за најмладите, со цел да се сврти вниманието кон проблемот со отпадот во Националниот Парк „Галичица“ и да поттикне нови начини на неформално образование и активности на отворено со цел подигање на свеста за моменталниот проблем со начинот на којшто го одлагаме отпадот и потребата од оддржлив систем за управување со него којшто ќе обезбеди здрава и светла иднина за нашите деца и внуци.

Сите сте добредојдени! Придружете ни се, без разлика на вашата возраст или искуство, и заедно да направиме позитивна промена во нашата околина!, додаваат.

Акцијата ќе се реализира во денес, 23 ноември, со почеток во 10 часот, а збирно место е споменикот Рисот (кај скаличките-кај паднатите борци).

OhridNews