Со првите дози на „Фајзер“ вакцините кои ги добивме како донација од Србија, в среда ќе почне вакцинирањето против коронавирусот во нашата земја, истакна министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот Филипче потенцира дека вакцинацијата ќе почне со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје. Во изјавата на граничниот премин Табановце каде беа предадени првите вакцини од Србија, тој изрази благодарност до српската Влада што отстапија дел од нивните вакцини.

Оваа криза покажа дека солидарноста е важна и дека не постојат граници. Ние сме целосно спремни, вакцините се веќе на пат да бидат сместени во соодветните фрижидери. После најавата во петокот вечерта на Фајзер, ние во текот на вчерашниот ден работевме. Го потпишавме трипартитниот договор, што беше практично услов да се случи оваа донација од Србија. Вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје, потенцираше Филипче.

Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

OhridNews