Како резултат на препораките и стандардите на УНЕСКО и во согласност со „Програмата за Меѓународна соработка за 2014 година”, Охридската локална самоуправа ќе изврши промена на грбот на општината. Новиот грб, кој е во согласност со сите хералдички стандарди го изготви  ,,Македонското хералдичко здружение’’.

Откако ќе биде завршена целосната постапка околу промената на грбот истиот во три различни варијанти ќе го употребува општинската администрација, Советот на општината и Градоначалникот на општина Охрид.

Според хералдичарите промената на главниот симбол на Охрид е сосема оправдана, бидејќи сегашниот грб не е во согласност со хералдичките правила и противзаконски го користи логото на УНЕСКО.

-Употребата на логото на Светското наследство е сосема неприфатливо и противзаконски. Визуелно, според соодносот на елементите, Охрид за симбол на градот го користи знакот на Светското наследство при што има извршено минимална интервенција врз неговата форма, со додавање на стариот грб, изјави за OhridNews Јован Јоновски, претседател на ,,Македонското хералдичко здружение’’ во декември минатата година.

Тој тогаш потенцираше дека стариот грб во форма на штит кој се користел пред 90-тите години има огромен потенцијал да прерасне во едно одлично хералдичко решение.

-Имено, сите елементи, тврдината, бротчето, езерото и нивниот заемен однос можат да се опишат на хералдички јазик. Недостасува само дефинирање на полето и на елементите и на нивните бои. Текстот „Охрид“, мора да се отстрани, бидејќи е недозволив во Хералдиката. Дополнително, употребените елементи на грбот ги задоволуваат сите симболички побарувања поставени пред нив, објасни во истата прилика Јоновски.

Стариот грб на градот Охрид е еден од најстарите месни грбови во Република Македонија. Потекнува од 1950-тите години, а од него постар е само грбот на град Скопје, кој е создаден во 1933 година. Овие два симбола се единствените општински македонски грбови кои се регистрирани во Регистарот на локални знаци во Обединетите Нации во 1967 година. Во почетокот на деведесетите години на минатиот век е извршена интервенција на грбот на Охрид со додавање на логото на организацијата на Светско Наследство при УНЕСКО.

OhridNews