Спроведување на Договорот од Пржино е од голема важност, а секое одложување може да предизвика големи проблеми за државата, смета европратеникот Иво Вајгл кој е во посета на Македонија.

„Искрено се надевам дека договорот од Пржино ќе биде применет и дека времето ќе биде испочитувано. Во спротивно може да се случи земјава да западне во голема криза. Не станува збор за пробивањето на поединечните рокови за ден или два, туку за контиунуираното спроведување на целиот процес, зошто тоа ќе биде корисно за сите и е во интерес на земјата. Секое непотребно одложување може да предизвика големи проблеми за државата“, рече европратеникот Иво Вајгл по средбата со лидерот на СДСМ Зоран Заев.
 
Вели дека искрено се надевале дека кризата во државата е надмината со потпишување на договорот од Пржино и ги повика медиумите да вршат поголем притисок врз политичките партии за да се придржуваат до обврските од договорот.

На новинарско прашање дали во извештајот за напредокот што е во фаза на подготовка ќе има нова препорака, тој рече оти искрено се надева дека извештајот нема да биде полош од лани и дека во него ќе ја видиме Македонија како идна кредибилна членка на Европската унија.

„Тоа зависи од дебатата во Парламентот, имплементацијата на договорот, како и од тоа дали во април ќе се спроведат демократски избори“, рече Вајгл.

Претседателот на СДСМ го запозна известувачот Вајгл за прекршувањето на Договорот со што е оневозможена автономната работа на специјалната јавна обвинителка, загарантирана со Законот за специјално јавно обвинителство.

„Ова е обид на власта на Груевски СДСМ да се откаже од преговарачкиот процес и обид за саботирање на самостојната работа на специјалната јавна обвинителка“, оцени претседателот Заев, соопштија од СДСМ.

Вајгл по неговото пристигнување во Скопје вчера попладне досега се сретнал со специјалната обвинителка Катица Јанева и со лидерите на политичките партии, со претставниците на УНХЦР, а посетата му завршува по средбата со вицепремиерот Фатмир Бесими.

OhridNews

Извор:„Макфакс“