Македонија може да ја изгуби препораката за почеток на преговори со Европската унија, ако не ја реши политичката криза, вели известувачот за Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл, јавува Телма.
Во телефонски разговор за Телма, Вајгл вели во Унијата расте скептицизмот за демократските капацитети на Македонија и можно е по 6 години земјата да ја изгуби препораката за почеток на преговори.
Не треба да се има некаква илузија околу тоа. Има многу луѓе во ЕУ кои веќе се сомневаат во тоа дали Македонија е партнер со кој во овој миг може да се преговара. Ако во таа држава не функционира парламентот, ако нема некој базичен договор за приоритетите на државата, вели Вајгл.
Вајгл, ќе биде еден од олеснувачите во политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата, што со посредство на европските парламентарци треба да почне кон крајот на месецов. Вајгл, заедно со пратениците Ричард Ховит и Едуард Кукан, како претставници на Европскиот парламент ќе се обидат да ги натераат политичарите да разговараат.
Поаѓаме од тоа не можеме да понудиме решение за сегашните спорови во Македонија. Решението мора да го најдат македонските политички партии и нивните лидери. Ние ќе бидеме олеснувачи, со еден конструктивен разговор да се одреди кои се политичките приоритети, порача Вајгл.
Тој верува дека политичкиот дијалог е можен, сеедно што власта и опозицијата имаат различни ставови за тоа како да се излезе од кризата.
Во политиката, вели Вајгл, секогаш треба да се тргне од тоа дека компромис е можен во секој момент.
Во спротивно, вели Вајгл, македонските политичари ќе мора да ја понесат историската одговорност, дека во време на криза не се подготвени да се договорат.
OhridNews
извор:Тв „Телма“