Во средиштето на една италијанска компанија во Милано, веќе неколку дена вработените не мораат да ги носат до скоро задолжителните кравати и сакоа. Не е таа одлука на директорите заради мода туку заради – заштеда на енергија и заштита на околината.

Ако клима уредите ладат помалку тогаш трошат помалку енергија и помалку загадуваат. Ако во канцелариите е само 1 степен „потопло“, се заштедува 220.000 киловатчасови, а во атмосферата се испуштаат 126 тони помалку јаглерод диоксид. Тој еден степен разлика ќе заштеди 9 отсто електрична енергија.

Во Италија повеќе струја се троши лете отколку зиме. Повеќе се троши на ладење на становите отколку за греење. Енергетската компанија прва во Италија се одлучи на штедење со отфрлање на краватите, а  сега за такви чекори размислува и целото здружение на индустријалци.

За разлика од бизнисмените, политичарите и нивните правила на однесување и облекување сеуште се ригидни. Во италијанскиот парламент никој, а камо ли парламентарците не смее да влезе без сако и кравата.

С.К.