За издавање на нови биометриски патни исправи и лични документи  охриѓани чекаат и  повеќе од еден месец, иако според прописите, рокот за издавање на овие  документи е од 15 до 20 дена. За овој проблем не информираа, голем број читатели на OhridNews, кои се жалат дека поради недостиг  на некој од овие документи не можат да ги извршуваат своите работни обврски или да патуваат.


Биометриски пасош


-Имам работни обврски во странство, а истите неколку пати ги одложувам поради тоа што, сеуште го немам подигнато новиот пасош, иако апликација имам поднесено пред повеќе од еден месец. Кога појдов СВР-Охрид, ми рекоа дека доколку сакам побрзо да добијам пасош, може да аплицирам за итна постапка на вадење пасош, за што треба да доплатам. Не ми е јасно како за повеќе пари може да се издаде побрзо, а во нормална постапка тоа се одолговлекува. Според ова можеби се работи за некој трик, со кој што сакаат да ги натераат луѓето кои навистина имаат потреба од пасош, да го вадат по итна постапка, за МВР да собере повеќе пари.
-вели еден наш сограѓанин.


Биометриска Лична карта

Од неколку туристички агенции од Охрид, ни потврдија дека проблемите  со ненавремено издавање на патни исправи, е една од главните причините поради која годинава им опаднал интересот за организирани патувања и ескурзии во странство.

-Голем број граѓани кои се интересираа за првомајско патување, истото не можат да го реализираат, поради тоа што немаат соодветна патна исправа, односно не знаат кога истата ќе им биде издадена. Истиот проблем го имавме и  со патувањата кои ги организиравме по повод велигденските празници, 8-март и Нова Година, кога патувањата ги откажа голем број клиенти.-велат од неколку туристички агенции од Охрид.


Биометриска Возачка дозвола

Покрај проблемот со пасошите, проблем има и кај издавањето на лични карти и возачки дозволи.

-Сакав ја обновам возачката дозвола во февруари, кога ми истече рокот на важење. Служебениците од СВР, ми рекоа дека немаат обрасци за аплицирање и ми објаснија дека ќе ме повикаат кога ќе ги добијат. Ме повикаа да се сликам за документот,  дури пред 5 дена. Значи од тогаш поминаа речиси два месеца.-вели еден наш читател, кој нагласува дека иако има биометриски пасош, не можел да оди надвор од Македонија со своето возило, затоа што во суштина немал важечка возачка дозвола.

Од Службата за Односи со јавност при СВР-Охрид, ни објаснија дека не се надлежни да даваат било какви информации поврзани со издавањето на лични и патни исправи и не упатија да се јавиме кај потпаролот на Министерството за внатрешни работи. Но поради презафатеност со работни обврски, тој не можеше да ни објасни во што е проблемот со издавањето на личните документи и не замоли да го побараме во друга прилика.  Се надеваме дека по објавувањето на овој текст во нашиот медиум, надлежните во МВР, ќе имаат поголем слух за овој проблем на граѓаните на Охрид и ќе објаснат зошто истиот се појавил и како може да се надмине.

Е.Е.