Вршителот на должност градоначалник на Охрид Константин Георгиески во изјава дадена денеска, истакна дека има поднесено Анкетен лист до Државната комисија за спречување на корупција, но оти тоа го направил како советник. Тој рече дека никој не го информирал дека треба да достави нов Анкетен лист, дотолку повеќе што неговиот мандат како советник е ставен во мирување, а владејачката коалиција поради тоа има советник помалку во градското собрание.
Функцијата в.д. градоначалник во однос на поднесување на нов анкетен лист е функција, а во однос на влез на друг советник на моето место не е функција. Поради тоа мојата советничка гупа има еден советник помалку, така да имаме тука двојни аршини. – рече Георгиески. Тој додаде дека не го знаел ова затоа што никој не го информирал и уште во понеделник ќе достави нова пријава.
Антикорупциската комисија на прес конференција во петокот најави дека ќе поведе прекршочни постапки против 18 градоначалници поради недоставување анкетен лист или изјава, меѓу кои и против в.д. градоначалникот на Охрид, иако тој уредно ја пријавил имотната состојба како член на советот, од чии редови беше изгласан за функцијата вршител на должност градоначалник по смртта на градоначалникот Јован Стојаноски.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ, пак, на прес конференција го обвини Георгиески за непочитување на законот, бидејќи не пријавил анкетен лист како в.д. градоначалниките, иако тој тоа го направил како советник.
И покрај повиците на Државната комисија за спречување на корупција, сепак Георгиески не ја исполнил законската обврска за доставување на потребната документација. Како ќе ја оправда пред охриѓани поднесената прекршочна постапка за која глобата изнесува од 200 до 400 евра? – рече Перчо Божиноски од ОК ВМРО ДПМНЕ.
OhridNews