Пад на вкупниот промет за 46,59 отсто во споредба на минатиот петок е забележан во осумте поголеми синџири на маркети вчера, информира Управата за јавни приходи (УЈП).

Како што посочуваат од УЈП, вчера е забележан и пад од 46,29 проценти на вкупниот промет на осумте поголеми синџири на маркети во споредба со ден претходно односно во четвртокот.

Податоците од системот за регистрирање на готовински промет односно регистриран готовински промет во 8 – те поголеми ланци на маркети на територијата на целата држава за деновите 24, 30 и 31 јануари 2025 година покажува дека вчера до полноќ е регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари. Во четврток, 30 јануари до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212,782,151 денари, додека минатиот петок, 24 јануари до полноќ е регистриран вкупен промет во износ од 213,985,705 денари, посочуваат од УЈП.

Најавуваат дека ќе продолжат со мониторирање и анализа на овие трендови, како и информирање на јавноста за сите важни податоци кои ќе имаат влијание на економијата.

Инаку, вчера по примерот на Хрватска и земјите од регионот граѓаните ги бојкотираа поголемите маркети како израз на незадоволство од високите цени.

OhridNews