Генералниот директор на АД МЕПСО Орхан Муртезани заедно со дел од проектниот тим денеска изврши увид во текот на градежните работи на проектот за изградба на 400 киловолтниот далекувод Битола-Елбасан со кој земјава енергетски се поврзува со соседна Албанија.

Работната посета, како што информираат од МЕПСО, се реализираше во Пелагонија, на делот од трасата на далекуводот од ТС Битола 2 кон Ресен, на столбните места каде изведувачот Енергоинвест од Сараево и домашната компанија Мобинстал како подизведувач, работат на поставување на фундаментите од столбовите на далекуводот.

Иако изведбените активности не се одвиваат со очекуваната динамика на работа, главно поради воениот конфликт во Украина и пандемијата COVID 19 кои доведоа до голем пораст на цените на материјалите и услугите и проблеми во реализацијата на проектите, сепак набавката на опремата за овој проект, а особено за 400/110 киловолтната трансформаторската станица Охрид, се одвива со несмалено темпо, велат од МЕПСО.

Со изградбата на оваа интерконекција како стратешки проект од енергетскиот коридор исток-запад, АД МЕПСО, како што посочуваат, ја потврдува својата целосна посветеност за изградба на стабилен електропреносен систем во државата.

Инвестицијата за која од страна на ЕБОР и на WBIF се обезбедени 17,2 милиони евра, се смета за чекор напред кон енергетска транзиција и кон енергетска безбедност на земјата и регионот, укажуваат од МЕПСО.

Нагласуваат дека стратешкото планирање и управување со инвестициите во преносната електроенергетска мрежа кои вклучуваат модернизации на постројки, изградба на нови далекуводи и трафостаници ќе продолжи и за време на зимскиот период со единствена цел да се обезбеди доверливо снабдување со електрична енергија.

Енергетиката е столбот за развој на економијата, а проектите од ваков тип значат голема помош за економијата, за инвестициите, за поголем и побрз развој и повисоки плати, порачуваат од МПСО.

OhridNews