Екипата на Јувентус е на добар пат да обезбеди пласман во финалето и да се бори за титулата во Купот на Италија. „Бјанконерите“ се стекнаа со огромна предност, откако во првиот полуфинален натпревар со 2-1 го совладаа Интер, на „Џузепе Меаца“.
„Нероазурите“ добро го отворија натпреварот и успеаја да поведат. Резултатот го отвори Лаутаро Мартинез, кој со погодок ја круниса акцијата на Алексис Санчез и Николо Барела. Гостите од Торино во игра за позитивен резултат се вратија после голот од пенал на Кристијано Роналдо. Португалецот го матираше Самир Хандановиќ од белата точка, а пеналот беше досуден после прегледување на ВАР. Изедначувањето на резултатот им даде крилја на „јувентините“, кои успеаја да постигнат втор погодок. Роналдо ја казни грешката на Бастони и Хандановиќ и погоди за 2-1.
Интер играше офанзивно и креираше шанси, но не најде одговор за Џиџи Буфон, кој одигра речиси перфектен натпревар. Италијанскиот голман ги одбрани ударите на Алекси Санчез, Дармијан и Ериксен и ја задржа минимална предност, за голема победа.
Во вториот полуфинален натпревар силите ќе ги одмерат Наполи и Аталанта.
OhridNews