Вонредниот инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат во охридската Општа болница, во врска со починатата пациентка од струшко, покажал дека е извршено прекршување од страна на здравствен работник, вработен во Инфективното одделение.

Фото – Архива (новото крило во Општата болница Охрид)

Истрагата е во тек и се очекува целокупниот извештај, кој ќе биде доставен до министерот за здравство, Венко Филипче, да биде подготвен во текот на денот, иформира директорката на ДСЗИ, д-р Иринка Сотирова Бухова.

  • Инспекцискиот надзор се уште трае, но од досега добиените информации можам да потврдам дека е утврдено прекршување во однос на неовозможување на здравствена заштита на пациент кој побарал здравствена заштита, а се однесува на здравствен работник во Инфективното одделение кој бил дежурен во времето кога пациентката е донесена на преглед. Можам да потврдам дека за пациентката од страна на матичниот лекар бил издаден упат на 25-ти март, изјави д-р Сотирова Бухова.

Деталите за случајот ќе бидат познати откако ќе биде подготвен целокупниот извештај, бидејќи во тек е земање изјави од сите кои тој ден и наредниот работеле или дежурале во Инфективното одделение при охридската болница во кое работат тројца специјалисти, двајца специјализанти и повеќе медицински сестри.

Д-р Сотирова Бухова потенцира дека и покрај тоа што за случајот веќе е покрената постапка од страна на Основното јавно обвинителство, ДСЗИ има обврска по комплетирањето на случајот да ги информираат сите институции кои можат да постапуваат по ова прашање.

Инфективното одделение и покрај инспекцискиот надзор е отворено и работи со пациенти.

Како што претходно беше информирана јавноста, сега починатата 66-годишна жена од струшко, откако се јавиле првите симптоми, на 24 март закажала тестирање на коронавирус преку својот матичен лекар. Материјал за тестирање е земен на 26 март, а резултатите пристигнале во текот на 27 март. Заради нагло влошената состојба на пациентката, матичниот лекар уште веднаш препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница, но до добивањето на резултатите, пациентката не била примена во болница. Таа почина утрото на 28-ми март.

Во врска со случајот денес беше разрешена директорката на охридската Општа болница.

Т.К.