Центарот за јавно здравје од Охрид во координација со Министерството за здравство, утрово изврши авионско запрашување против комарци во Охридскo-струшкиот регион.
На територијата на општина Охрид со дезинсекцијата беше опфатен потегот од Прентов мост до вливот во Охридското Езеро по течението на Коселска река, а во градското подрачје во зоната на Касарната и Дебело поле како и во населбите Воска и Далјан.
На територијата на општина Дебрца се спроведе дезинсекција во атарите на селата Мешеишта, Волино и Требеништа по течението на реката Сатеска, како и во зоната на селата Белчишта и Велмеј по течението на Голема река. Во општина Струга дезинсекцијата се спроведе во атарите на селата Мислешево, Мороишта и Дрслајца, како и на потегот од Подмолје по магистралниот пат кон Ќафасан и Охридското Езеро се до село Калишта.
Поради запрашувањето против комарци, пчеларите беа известени да не ги пуштаат пчелите од кошниците, односно да ги преземат сите потребни мерки за нивна заштита. Препаратот со кој се вршеше запрашувањето не е штетен за луѓето и животните, односно водата и почвата.
OhridNews