Охрид личи на монденско одморалиште, со плажи преполни со гости од Грција, Србија, Германија, Чешка и од Русија, вода чиста како солза и рибни специјалитети со неверојатен вкус и пристапните цени. Богата понуда на плажите, водени лудории, тобогани, аквапаркови, тури до недопрената Галичица. Бродска прошетка до Поградец и еднодневна екскурзија во Албанија за авантуристите кои првпат ги откриваат овдешните убавини.

Дали сето ова ви звучи премногу добро за да биде реално? Посакувате веднаш да го запалите автомобилот и да проверите дали навистина постои ваква дрим-дестинација во земјава? Не мачете се. Ваква понуда во Македонија може да добиете само на едно место – во вашите соништа! Кога ќе се разбудите, за жал, и ова лето ќе треба да се соочите со реалноста. Туристичката понуда е повеќе од лоша – очајна е!

Изминативе неколку лета како да го навестуваат залезот на туризмот во градот со 365 цркви. Надлежните при крајот на секоја неуспешна сезона ветуваат дека следната година ќе биде подобро, дека ќе се работи на интензивна туристичка промоција и, пред се’, на привлекување на домашните гости во Охрид, кои се и најбројни. Ама сето тоа е со краток здив.

Впечаток на многумина од посетителите е дека Охрид од година на година се’ повеќе го губи приматот на македонски бисер. Крајбрежјето се задушува во лесковачка скара, „пера–ждера“ киосци каде што се пржи „роштиљ на кило“, викенд-посетители и годишноодморци кои како сардини ноќеваат во „брако“-приколките. Плажите преку неделата се празни, а со наплив на туристи градот не може да се пофали ниту за време на викендите.

Хотелите се пусти, а во подобро уредените комплекси пристап имаат само оние со подлабок џеб. Бавната услуга некако може и ќе пројде, ако не се изгор цените кои само ќе ви го засоленат престојот во градот. За да не биде дека зборуваме напамет, ќе посочиме само неколку примери. Викендов на терасата на еден познат хотелски комплекс крај езерото на гостите им се искриви насмевката од чудење истиот момент кога келнерката наплати 540 денари за коктелот „сеџ он тхе беацх“.

Во Охрид се’ поретко се наоѓаат ресторани каде што можете да ручате или да вечерате за помалку од 10 евра (тоа е пристојна цена за обичен ручек што ќе ја платите во повеќе европски метрополи, во Прага, на пример).

Факт е дека охридското крајбрежје изминативе неколку години драстично го смени изгледот. Се градат комплекси што воодушевуваат со својот јадрански и медитерански шмек, ама тоа не значи дека сопствениците со високите цени треба да ни наплатат за цела година.

Охрид станува скапа дестинација за одмор за домашните туристи, а странците се’ почесто не’ заобиколуваат. Тоа е сосема разбирливо кога на сите страни имате понуди за одмор на грчките острови, Јадранското крајбрежје, па и езготичните Египет, Турција и Тунис, кои во сите пресметки излегуваат дека се поприфатлива варијанта за одмор.

Поради нашата неможност да се соочиме со вистината в очи, охридските плажи и годинава може да останат празни, а концесионерите што вложиле огромни пари да останат со куси ракави.

За привлекување на туристите не треба само удобни лежалки и силна музика. За Охрид да личи на сонот од оваа приказна, треба да се средат многу работи. Плажи без спасувачки екипи, езеро во кое владее хаос од педалинки и скутери, простор за пливање кој е толку ограничен што им дава чувство на пливачите како да се риба на суво, таксисти кои во сезона не работат по таксиметар, туку си наплаќаат од ѓутура, не смеат да ни се случуваат. Се’ додека „немојт“ и „не можит“ се главните зборови во речникот во Охрид, сезоната ќе биде препуштена на пропаст, а гостите ќе си заминуваат со горчлив вкус во устата.

Утрински весник