Денешен „Утрински Весник“ под наслов „Ремонт на фестивалите“ донесува критички освтрт на последното издание на „Охрид фест“ кој предизвика лавина реакции во јавноста:

„Сан Ремо е гратче во Северна Италија што стана препознатливо благодарение на Фестивалот на италијанската канцона. „Каква држава – таков фестивал“, горди се т.н. жабари на својот бренд што постои од 1951 година, а веќе 12 години за нив претставува замена за „Евровизија“. „Охрид фест- охридски трубадури“ не е никаков супститут за поголемо музичко празнување, но постои 16 години и има среќа што Охрид му е град-домаќин. Нашиот езерски бисер е мамка за туристи и привлекува многу гости.

Но, годинава се’ тргна на лошо. Публиката во Долни Сарај херојски издржа неколкучасовно жонглирања меѓу водителите, пејачите и наградите. Како без сценарио се редеа лица и награди и повторно лица и награди.

Сите гости од последната вечер, Интернационалната, добија награда наместо сувенир од Македонија, што е резултат на нашата вродена гостољубивост или на потребата за додворување.

И, каква е врската со Сан Ремо што организаторот од година во година ја потенцира? Би рекле – невидлива зашто освен старата работа дека илјада пати изговорената лага станува вистина, оти ние, како и Италијанците, важиме за многу музикална нација, не постои ништо друго.

Тоа значи – време е за ремонт и за нова страница. Да се најде врската меѓу идеја и реализација, бидејќи атрактивната локација и националната музикалност не можат да прикриваат грешки, пропусти и несериозност.

А ако веќе боледуваме од потреба за споредби, подоследно би било да се сетиме на „Сунчане скале“ во Херцег Нови – нив дождот им го минира фестивалот за неколку часа. Но, умниот потег – наградите, официјализирани како „Принчеви“ им ги поделија на пејачите што само го кренаа нивото и фестивалот го направија мегаатрактивен“.