“На завчерашните вести на Сител телевизија во 21 часот беше објавена „ексклузивна“ вест дека луксузната јахта на Анџелина Џоли потонала во близина на Азурниот брег кај Сан Тропе, Франција, и дека од суперѕвездата нема ни трага ни глас.
Два часа подоцна А1 телевизија ги почна доцните вечерни вести со истата „ексклузивна“ вест, а на „Фејсбук“ веќе се поставуваа прашања за тоа дали е вистина или не, иако двата мејнстрим-медиуми не изразија сомнеж во вистинитоста на информацијата кога ја објавија.
По кратка дискусија на „Фејсбук“ и со помош на линк од блогот golemataslika.crnaovca.mk дојдовме до сознание дека станува збор за сајтот fakeawish.com, кој објавува исклучиво лажни вести, а на него може и сами да си составите лажна вест.
Сител ја имаше веста и на својот веб-сајт (малку по 21 часот), од каде што ја презеде „Форум“ наведувајќи дека дознава од Сител. А1, и покрај тоа што го отвори дневникот со веста, не ја стави на својот веб-сајт. Откако сфатил дека направил голем превид, Сител ја извади веста од својата архива, но не и „Форум“.
И покрај реалната опасност од грешки на дневните редакции на медиумите, ова беше настан кој разоткри една лоша навика во македонското новинарство: да се препишува без контрола, а патем и без да се објавува изворот. Доколку кој било од споменатите медиуми „прошеташе“ по Интернет, ќе заклучеше дека никој, освен тие самите, не ја објавува веста, а доколку подлабоко истражеше, ќе дојдеше до веста на сајтот што постои само за да насанка некого“, пишува Утрински весник.
извор: “Утрински весник“