Во организација на Градскиот ракометен клуб Охрид, а под покровителство на Општина Охрид утре и задутре (23 и 24 август), ќе се одржи првото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски- Усташ“ кој се очекува да прерасне во традиција.
На денешната прес конференција по повод турнирот, наследниците на оваа голема охридска ракометна легенда, Крсте Андоновски, капитен во ГРК Охрид и Даниел Андоновски, лев бек во клубот изразија благодарност за можноста да се организира турнирот и надеж дека истиот ќе прерасне во традиција.
Задоволството е големо, почестени сме како фамилија, љубовта кон ракометот ни ја всади баш нашиот покоен дедо и сега сме многу почестени што ќе се организира еден ваков турнир во негов помен. Истовремено, добредојдени ќе ни се овие натпревари за воигрување на екипата, сите противници се квалитетни и се надевам дека ова во иднина ќе прерасне во традиција и ќе се одржува овој меморијален турнир, истакна Крсте.
Полуфиналните натпревари ќе се играат на 23 август, а натпреварот за 3-то место и финалето ќе се одиграат на 24 август. Учество ќе земат екипите на ГРК „Охрид“, РК „Тинекс Пролет“, ГРК „Тиквеш 2014“ и РК „Партизан“ од Белград, Србија.
Голема благодарност за управата и град Охрид за организацијата на првиот Меѓународен меморијален турнир во чест на поранешниот селектор на младинска репрезентација на Југославија и долгогодишен тренер во македонската елита, охридската ракометна легенда Крсте Андоновски. Ракометот иако е сменет целта е иста да се победи. Одбраната сеуште и ден денес е најбитен фактор за победа. Исто така со добра обрана, потоа со полуконтра и контра следуваат многу полесни голови, рече Даниел.
На 23 август ќе се одиграат натпревари од 17:30 часот помеѓу екипите на РК ПАРТИЗАН – РК ПРОЛЕТ 62, додека од 20:00 часот ќе играат екипите на ГРК ОХРИД – ГРК ТИКВЕШ 2014. Поразените играат за 3-то место, победниците финале на 24 август во следните термини 15:30 часот за 3-то место поразени 1/4 – 2/3, а во 18:00 часот финале победници 1/4 – 2/3.
Инаку, меморијалниот турнир е наречен во чест на Крсте Андоновски – Усташ (1936-2003), кој има оставено белег на охридскиот, македонскиот и југословенскиот ракомет. Бил долгогодишен селектор на Македонската машка сениорска и младинска репрезентација, член на стручен совет на СФРЈ во кој совет членуваа по еден тренер од секоја република и покраина, како и тренер на ЕМО Охрид, ОТЕКС Охрид, Пелистер, Тутунски Комбинат, Прилеп и Партизан Кичево.
OhridNews