Со традиционалното засадување на дрвце во Паркот на поезијата, во чест на лауреатот, јужнокорејскиот поет Ко Ун, утре во Струга официјално ќе започне 53. издание на Струшките вечери на поезијата.

Според програмата во текот на утрешниот ден ќе биде отворена изложба на Сашо Димоски, а вечерта во предворјето на Домот на поезијата свечено ќе се означи почетокот на оваа најреномирана поетска манифестација во регионот. По свеченото отварање ќе се одржи меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“. Веднаш потоа ќе се одржи Музичко – поетски перформанс, по што ќе следува „Ноќ без интерпункција“.

Директорот на СВП Мите Стефоски истакна дека ни претстои уште еден празник на поезијата, со учество на 50-ина поети од 34 земји.

-Ќе имаме можност уште еднаш да организираме собир во кој ќе продолжи 50-годишното проникнување и дијалог на културите, јазиците и на цивилизациите и Струга повторно ќе биде престолнина на поезијата, Оваа година со нашиот лауреат и неговото импресивно творештво,  исклучителниот и драматичен живот, ќе имаме можност да посведочиме дека поезијата е многу повеќе од зборови и многу повеќе од умешност, изјави  Стефоски во рамки на прес-конференцијата која се одржа во Скопје, по повод пристигнувањето на годинешниот лауреат Ко Ун.

Според официјалната програма на СВП, во петок на 22-ри август во хотелот „Дрим“ ќе биде организиран Симпозиум на тема „Поезијата и политичкото“. Веднаш потоа планирано е меѓународно поетско читање „Матине“ кое ќе се одржи во предворјето на манастирската црква „Св. Богородица“ во Калишта. Истиот ден во хотелот „Дрим“ во текот на вечерните часови ќе се одржи Промоција на списанието „СУМ“ кое е посветено  на Струшките вечери на поезијата, по што ќе се прикаже проекцијата Поетски времеплов на МРТВ. Потоа ќе следува Омаж на македонските поети Ацо Караманов, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски и починатите лауреати на СВП Шејмас Хини, Тадеуш Ружевич, Васко Граса Моура и Хосе Емилио Пачеко.

Веднаш по омажите на Летната сцена во „Домот на поезијата“ ќе се одржи вечер на македонската поезија односно поетски портрети на македонските поети Богомил Ѓузел, Радован Павловски и Влада Урошевиќ, по што е планирана „Вечер на современата словачка поезија“ како и Поетски перформанс на Марсио-Андре и Ричард Кита. Точно на полноќ повторно ќе се одржи „Ноќ без интерпункција“.

Тежнееме секоја година да направиме Фестивалот да добие нови содржини. Значајна промена во однос на минатите години е тоа што и даваме посебен акцент и на македонската поезија, но овој пат бидејќи е интернационален фестивал, со акцент токму на моментите на нејзина промоција пред гостите од странство, издавачите, директорите на значајни поетски фестивали, рече во друга прилика Стефоски.

Во сабота на 23-ти август во хотелот „Дрим“ ќе се одржи Портрет на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2013 година Ристо Јачев и Портрет на добитникот на наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО за 2014 година Хари Ман . Истиот ден ќе има Прогласување на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2014 година и Промоција на поетските книги од едицијата „Плејади“. Потоа поетите ќе заминат за Охрид каде што ќе има Поетско читање пред црквата „Св. Јован Канео“, по што во црквата „Света Софија“ ќе се одржи Поетскиот портрет на добитникот на „Златен венец“ на СВП за 2014 година Ко Ун.

Во недела на 24-ти август, во текот на попладневните часови ќе се прогласи најдобрата песна посветена на виното „Ин Вино Веритас“, а истата вечер ќе се одржи меѓународниот поетски митинг „Мостови“ на кој ќе бидат врачени наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“, а ќе биде соопштен и добитникот на наградата „Енхалон“.

Во понеделник на 25-ти август планирана е „Поезија на пат“ односно Поетски читања на учесниците на СВП во повеќе градови во Македонија.  Манифестацијата завршува на 26-ти август во Скопје со Поетско матине во манастирот „Св. Андреја“ во Матка и Меѓународен поетски митинг на плоштадот „Македонија“ кај Камениот мост.

OhridNews