По повод годишнината од загинувањето на македонскиот бранител Благојче Крстаноски утре во Ливоишта ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен обејежјето и одржана панихида пред неговото вечно почивалиште.
Одбележувањето на годишнината ќе се реализира од страна на Организацијата на резервни офицери на Република Македонија- организациона единица Охрид и Општина Охрид.
Секоја година на празникот Благовец се одбележува споменот за Благојче Крстаноски пред спомен обележјето во Ливоишта. На овој ден положуваме цвеќе и на споменикот и на неговото вечно почивалиште. Утре се навршуваат 25 години од загинувањето на Крстаноски и сакаме тоа да го одбележиме малку позначајно. Од пред неколку години овој ден вметнат е во Програмата за одблежување на значајни настани на Општина Охрид и на самиот ден присутна е и делегација од Општина Охрид, велат од Организацијата на резервни офицери.
Според програмата во 10 часот е положувањето на свежо цвеќе пред спомен обележјето, додека во 11 часот ќе биде одржана панихида, а кратко обраќање ќе има претседателот на Организацијата, Митко Темелковски.
На 11 мај во чест на Благојче Крстаноски ќе биде организиран регионален марш со членови присутни и од организациите од Кичево, Македонски Брод, Демир Хисар и Битола. Маршот ќе биде од Лескоец до Скребатно. Во тек се подготовките, додаваат од Организацијата на резервни офицери.
Инаку, Благојче Крстаноски беше македонски бранител и професионален војник во АРМ. Загина на 7 април 1999 на самата граница од снајперски оган од косовска страна. Тој беше првата жртва на вооружените сили во независна Македонија, чесно и пожртвувано извршувајќи ја својата должност во одбрана на својата татковина.
Благојче Крстаноски е посмртно одликуван со медалот за храброста од претседателите Борис Трајковски и Ѓорге Иванов.
Н.С.Ј.
фото. Архива