Утре во 12 часот на градскиот плоштад свечен пречек на македонската репрезентативка во традиционално таеквoндо, Христијана Парулеска од Охрид, која беше прогласена за најдобра кадетка на Европското првенство што се одржува во италијанското летувалиште Јесоло. Предвидено е по пречекот на плоштадот настанот да продолжи на бината кај ТЦ Амам спроти поштата. Доколку временските услови не дозволат настанот ќе биде одржан во спорстката сала „Билјанини извори“.
Државната првенка Парулеска со освоени две медали, златна во борба и сребрена во категоријата борба со замислен противник, го достигна европскиот трон, за што на посебна церемонија и беше врачен пехар, прва таква награда што македонски спортист ја освоил во поединечна конкуренција на Европски шампионат.
Пехарот и го врачи Руџиеро Ланоте, организаторот на Европското првенство и претседател на Италијанската теквондо федерација, а честитки за престижната награда Парулеска доби и од претседателот на Европската федерација – ЕИТФ, како и сите останати присутни членови на Интернационалната теквондо федерација. Успехот на младата охриѓанка е дотолку поголем што медалите и европската титутла се освоени во силна конкуренција репрезентативци од 27 држави од контитентот.
Но, и останатите репрезентативци, иако не се закитија со медал, сите ја издигнаа Македонија на 13 место во конкуренција од 34 државни репрезентации, оставајќи ги после нас, репрезентации кои беа многу побројни и со подолги традиции како што се Латвија, Норвешка, Србија, Ирска, како и домаќинот Италија.
Останатите репрезентативци, го завршија ова Европско со освоени две 5-ти места две 6-ти, едно 8-мо и 9-то место.
Нашата цел е оправдана, нашето доаѓање остана впишано во историјата на Македонското Традиционално Теквондо при ITF. Ова ни е заложба, за да на наредните првенства бидеме подобри, како би го оправдале секое од трите одличја. Ќе продолжиме мотивирано да го наткренеме Традиционалното Теквон-до повисок интерес кај помладите, но и секој друг спорт, вели селекторот Марјанчо Лазаревски.
OhridNews