Утре премиерно издание на претставата „Дух“ од Дејан Дукоски пред охридската публика. Режисерот на претставата, Сашо Миленковски, вели дека имале дупли проби секој ден, а дека екипата е навистина одлична. Се направи еден силен органичен спој помеѓу нас. Направивме една фантастична претстава. Тешко е во овие услови на Ковид да се организира еден поголем настан, но се надевам дека овие мерки некогаш ќе завршат и ќе можам да ја прережирам во склад со мерките, вели режисерот.

Претставата е всушност, како на еден обичен човек му пука филмот од се, особено од урбаната мафија и трга по пат да убива луѓе. Не е проблем кога криминогени умови прават некои неубави работи, но, кога на обичниот човек ќе му пукне филм тогаш треба да се внимава, тогаш станува сериозно. Уште еден интересен податок е што целата претстава се случува во ментална институција и успеавме од реална ментална институција да земаме пижами кои се од реални луѓе, кои имаат на себе амалгам на историја на болест и така се облечи. Значи го имаме и тој реалистички карактер, вели Миленковски.

Тоа што е, исто така, интересно е што остваруваме соработка и со хорот од Домот на културата кој е интегрален дел од претставата. Инаку, самата претстава по израз не се бави со реализам. Нејзе ја интересираат теоричноста на времето. Времето е емоции излезено од колосек, додава режисерот.

Ова е вториот проект одобрен од Министерството за култура. На мое големо задоволство во претставата освен актерите од нашиот театарски ансамбл, имаме и гости, а тоа се Верица Недеска, актерка која потекнува од Охрид, а твори и работи во Чешка, како и актерот Јовица Михалјовски од Скопје, чија матична куќа е Драмски театар, вели Горан Симоноски, директор на НУ Центар за култура „Григор Прличев“.

Овие актери внесоа плус енергија во охридскиот театар. Сакам да ја поканам публиката утревечер да дојде да ја погледне премиерата, а во недела исто во 20 часот е репризното издание. По самата премиера ќе имаме и репертоар во Охридскиот народен театар, со што се надевам дека постепено ќе ја вратиме и публиката назад во театарот. Секој петок ќе имаме претстава, додава Симоноски.

Претставата е во режија на Сашо Миленковски, а во изведба на Горан Стојаноски, Јовица Михајловски, Верица Недеска, Стрезо Стаматовски, Биљана Билаловиќ Вељаноска, Адријана Билаловиќ Тодороска, Елизабета Стефановска, Павел Маслов, Филип Кипровски, Митко Серафимоски. Картите по цена од 250 денари се пуштени во продажба на билетарата при НУЦК “Григор Прличев” – Охрид. Телефон за резервации 046/261-063, 075/283-066.
Претставата ќе биде одиграна согласно здравствените протоколи со ограничен број на публика.

Н.С.Ј.