Божикните пости, кои, како што се верува, го најавуваат раѓањето на спасителот Исус Христос, почнуваат утре, 28 ноември, и ќе траат до 6-ти јануари 2016 година. Во овој период верниците се воздржуваат од мрсна храна, телесни задоволства и се молат пред Бога. За разлика од велигденските во божикните пости е дозволено да се јаде риба.
Основата врз која се појавил Божикниот пост бил постот спроти празникот Богојавление, кој во Црквата се празнува од III век, а во IV век бил поделен на празниците Рождество Христово и Крштение Господово. Божикниот пост започнува на 15/28 ноември и трае до 25 декември/7 јануари, односно 40 денови, поради што во Типиконот, како и Великиот пост, се нарекува Четириесетница. По зборовите на блажен Симеон Солунски, „постот на Божикната Четириесетница го изобразува постот на Мојсеј, кој откако постел 40 денови и 40 ноќи, ги добил на камени табли Божјите заповеди. А ние, постејќи 40 денови, го созерцуваме и го примаме живото Слово од Дева, изобразено не на камења, туку воплотено и родено, и се приопштуваме на Неговата Божествена плот“. Божикниот пост е установен за да се очистиме за денот на Рождеството Христово преку покајание, молитва и пост, за со чисто срце, душа и тело да можеме благоговејно да Го сретнеме Божјиот Син, Кој дојде во светот и за Нему да Му го принесеме нашето чисто срце и решеност да го следиме Неговото учење. – пишува во посланието за Божикниот пост на Македонската православна црква.
Постот можеме да го поделиме на телесен и духовен. Во потесна смисла под зборот пост најчесто го подразбираме телесниот пост, којшто е воздржување од некои јадења во деновите и временските периоди што Црквата ги одредила во текот на годината. Но, не секој треба и може да пости исто. Мали деца, изнемоштени, болни лица, бремени жени, постат според нивните телесни сили, според препораки на духовно лице, кое може и целосно да ги ослободи од пост.
Телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост. Телесниот го помага духовниот пост кој е самата суштина на постите кои завршуваат со света причест.
OhridNews