Промоција на Охрид, спортовите на вода и заштита на животната средина е целта на првиот Фестивал на водени спортови „Ohrid water festival“ кој од утре до 27 август ќе се одржи во Охрид. Предвидена богата спортска и социјално-едукативна програма, која вклучува низа интересни и забавни содржини кои ќе го привлечат вниманието на публиката.

Во рамки на спортскиот дел опфатени се 17 спортови, меѓу кои и Охридскиот пливачки маратон кој ќе се одржи на 26 август. Две третини од спортовите на фестивалот се олимписки дисциплини. Во рамки на фестивалот ќе се одржат и веслачка, кајакарска и едриличарска регата, трка со кајчиња, водени лудории, подводни активности, а преку изложби и социјални настани ќе бидат презентирани спортовите на вода, но и гастрономската и културната понуда на Охрид.

Во рамки на фестивалот на 23 август ќе се одржи панел дискусија на која покрај за спорот, ќе се говори за заштитата на животната средина и промоцијата на туризмот преку одржлив развој.

Фестивалот ќе финишира на 27-ми август (недела) со концерт на Камерниот битолски оркестар „Рок Симфонија“, додека во спортскиот дел со второто издание на акватлонот на Охридското Езеро и и „Регатата со традиционални охридски кајчиња“.

OhridNews