Во годината во која Џез Ин слави 35 години постоење, со големо задоволство ви закажува тет-а-тет средба со „Пијан Славеј” – музичко-поетски формат на Бранислав Николов од групата „Фолтин”, заедно со Пеце Трајковски, Славчо Јовев, и Андреа Мирческа/Гоце Јованоски, во чие срце е идејата да се креира една нова македонска шансона, која инстинктивно го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.
Групата е формирана кон крајот на 2021 г. Првиот настап го имаат на скопскиот „OFFest”, а наредната година, „Скопскиот џез фестивал” го издава нивното прво и истоимено ЕП. Понатаму настапуваат на „D-festival” и на фестивалот “Druga Godba” во Љубљана, Словенија.
„Пијан Славеј“ (а.к.а. Бранислав Николов) е музички перформер, автор и пејач во групата „Фолтин”. Како дел од групата, зад себе има десетина студиски изданија, музика за преку триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар „Медена Земја”, интернационално наградуваните „Исцелител”, „Со Љубов”, „Cash & Marry” и други. Со концертни настапи и театарски претстави гостувал во повеќето Европски држави, а за својата работа досега е повеќепати наградуван. 2018 г. одржал концерт со Македонската филхармонија, а настапува и самостојно како кантавтор. Објавил три поетски збирки („Креветизам и хоризонтала” 2018, „Срчки” 2020 и „Полиграф”, 2022).
Песни кои се потпираат на оригиналноста и шармот на неговите стихови (од кои „Парфем“, „Крв да ни се стори“, „Сонце“ веќе солидно се извртеа на социјалните мрежи), но уште повеќе со енергијата која се чини само нему му е својствена, а нам на навивачите и тоа како позната. Притоа, возен од неговите придружници инспиративно слезе до срцевината на македонската поп сцена од седумдесеттите ( во интепретацијата можеше да се почувствува ехото на еден пејачки маг како што е Диме Поповски, или згора драматиката на Зафир Хаџиманов…), си дозволи наново да им се обрати на значајните претставници на шансоната во глобални рамки, вели Љупчо Јолевски.
„Пијан Славеј“ се сеанси на интимни посети крај диви маслини осамнати на брегот, вели Влатко Деловски.
Горчливо густа смола од винските мушички со деланки од бор облепени со каллив електро грув и еден нишан – поглед стрвен со излигавена и страствена мов од ракурсот на пијаниот Славеј. Страст што некогаш низ меланхолија и тага мами вечна љубовна тишина, и ако тлее нешто живо во неа – ќе пеам или само немо ќе љубам нешто што се’ уште не е мртво, додава Деловски.
Концертот започнува во 22:00 часот.
OhridNews
фото. Радмила Ванскоска