Во рамки на своите активности и јавни овластувања во делот на првата помош Црвен крст Охрид на 12 април, сабота, во периодот од 9-15 часот, под мотото „ПРВАТА ПОМОШ СПАСУВА ЖИВОТИ“, ќе го организира традиционалниот, 51-ви по ред Општински натпревар по прва помош.

Несреќите се случуваат секојдневно и насекаде, во домот, на улица, на училиште, на работно место, на игралиште, во природа и каде ли уште не. Во такви ситуации правилното укажување прва помош значи спасување човечки живот. На натпреварот, стекнатите знаења и техники за укажување на прва помош ќе ги покажат повеќе од 200 ученици-натпреварувачи од основните и средни училишта од Охрид и Дебрца, организирани во екипи во категорија подмладок и категорија младина, велат од Црвен крст Охрид.

И оваа година, посочуваат, на општинскиот натпревар по прва помош ќе се применуваат критериуми и стандарди кои се спроведуваат при одржување на европските натпревари по прва помош.

Во таа насока, натпреварувачите, но и посетителите на овој настан, на повеќе пунктови низ градот Охрид, почнувајќи од плоштадот „Св.Климент Охридски“, на платото пред Градската библиотека, по градскиот кеј, ќе бидат сведоци на симулирани случки на несреќи, изведени од членовите на актерските групи на Црвен крст Охрид, како и реалистички приказ на повреди, подготвени од посебно обучени шминкери за повреди на Црвен крст Охрид, додават.

За регуларноста и оценувањето на натпреварувачите, велат, ќе се грижат 20 судии за прва помош на Црвен крст Охрид.

OhridNews