Охрид ќе ја одбележи 80 годишнината од смртта на Кирил Прличев. По тој повод Општина Охрид и НУ Завод и музеј – Охрид организираат свеченост утре, 9 февруари, која ќе се одржи во Спомен куќата на Христо Узунов.

Во рамки на програмата која започнува во 11.00 часот предвиден е историски час за ликот и делото на Кирил Прличев на кој ќе говори м-р Михаил Патчев, проф. по историја, културно – уметничка програма, како и едукативен час – Разгледување на изложбата: „Лица на револуцијата“ од Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски од страна на учениците од општинските основни и средни училишта, информираат од Општина Охрид.

Кирил Прличев бил голем македонски патриот, македонски револуционер, публицист, журналист, идеолог и интелекуалец кој не се колебал јавно да ги соопштува и да ги брани своите ставови. Бил образован, се интересирал за книжевноста, говорел и пишувал на неколку јазици и вешто знаел сето тоа да го спои во неговото учество во речиси сите етапи на македонската револуционерна борба.

Во животната приказна на Кирил Прличев има многу засега непознати делови, но едно е сигурно дека во неа има многу симболика. Вечно почиваат заедно со неговиот татко Григор во гробот што се наоѓа кај црквата Св. Богородица- Перивлепта.

 

OhridNews