Утре ќе бидат испратени до вечните почивалишта настраданите од пожарот во Кочани. Според информацијата од Центарот за управување со кризи (ЦУК) погребот на настраданите ќе се одржи од 11.00 часот на градските гробошта во Штип, во 12.00 часот на градските гробишта во Кочани, во 13.00 часот на гробиштата во с. Облешево, додека останатите погреби ќе се одржат во различни временски периоди во текот на утрешниот ден.
Свештениците од локалните цркви ќе ги контактираат сите ужалени семејства со детали околу погребот, посочуваат во информацијата изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите.
Во овие моменти на неопислива тага, траор и колективна жал ги замолувам сите граѓани за достоинствено испраќање на жртвите и разумно постапување во текот на утрешниот тажен ден, вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
Утре до вечните почивалишта ќе бидат испратени и пејачот од дуото ДНК, Андреј Ѓоргиески, на градските гробишта Бутел во 10 часот, додека членката на бендот и професорка на ФМУ, Сара Пројковска ќе биде погребана на гробиштата во Лисиче во 12.00 часот. Погребот на младиот музичар од Струмица, тапанар на бендот, Ѓорѓи Ѓорѓиев ќе биде на градските гробишта во Струмица.
OhridNews