Државната изборна комисија вчеравечер го поништи гласањето на уште три избирачки места. Станува збор за избирачкото место 1272 во Општина Охрид, и за избирачките места 1194 и 1202, двете во Крушево, по поднесен групен приговор од Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што посочи претседателот на ДИК Александар Даштевски по извршеното пребројување за избирачкото место 1272 во Охрид, утврдено е дека записникот не е правилно пополнет, има и корекција во делот на гласачи внесени со рачен внес.
Приговорот беше усвоен со еден глас против. „Против“ гласаше потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху која укажа дека бројката на гласачи се совпаѓа со бројот на потписи. Таа појасни дека забелешката за резултатите од ова гласачко место всушност се однесува на записникот 16 во делот 4 кој е погрешно пополнет, а тоа е, вели, грешка која ја има речиси кај сите избирачки одбори.
Во Крушево, приговорите за двете избирачки места се усвоени поради несовпаѓање на бројките од записникот со оние од уредот за биометриска идентификација.
ДИК продолжува со разгледување на пристигнатите приговори.Досега беа разгледани приговорите од Коалицијата „Вреди“ при што беше усвоен еден приговор за избирачкото место 2102 во Желино.
За изборните резултати до ДИК беа поднесени 27 приговори – девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица. Претседателот на ДИК Даштевски на седница на ДИК посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.
Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 18, Коалицијата ВЛЕН со 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.
OhridNews