Собранието на Република Македонија на 16-ти април ја усвои Националната стратегија за развој на следна генерација широкопојасен интернет, со Акционен план за нејзина имплементација. Со Националната стратегија за развој на следна генерација широкопојасен интернет се дефинирани сет на мерки кои се во насока на надминување на прашањата за подобрување на условите за развој на широкопојасниот интернет, како што е создавањето на единствен национален регистар за електронски комуникации, премин кон нови генерации мрежи и замена на бакарната инфраструктура со оптичка, со што ќе се избегне можноста за нејзино преоптоварување.

Создавањето на единствен национален регистар за електронски комуникации кој редовно ќе го развива и ажурира Агенцијата за електронски комуникации во соработка со општините и другите државни институции, значително може да придонесе за намалување на трошоците при поставување на нова инфраструктура, заедничко користење на постојна како и врз безбедноста на постојната инфраструктурата од аспект на некоординирани копања на земјиштето, информираат од Министерството за транспорт и врски.

Во стратегијата се предвидени мерки за обезбедување поголема побарувачка на електронските услугите кои треба да ги нуди јавниот сектор, а се утврдени и препораки за општините за нивен развој кон т.н. електронски општини. Во таа насока, потенцирана е важноста на локализираните јавни услуги, групирањето на побарувачката од јавните сервиси, можноста на реализирање на различни типови јавно-приватно партнерство во општините за развој на мрежи како и нудење на услуги од областа на комуникациите, велат од ресорното министерство.

Широкопојасниот интернет овозможува креирање нови и иновативни услуги, апликации и содржини, го промовира развојот на нови услуги и го подобрува квалитетот на нивното испорачување до корисниците. Овозможува реорганизација на процесите за работа и производство и претставува основа за развој на информатичките и комуникациските технологии, кои претставуваат основни носители на продуктивноста и растот на економијата во државата, поосочуваат од транспорт и врски.

Ohridnews