Закон за рибарство и аквакултура, кој неколку месеци беше ставен на листа на чекање едногласно беше  усвоен од пратениците на 93-та седница на Собранието.Со овој закон се уредува управувањето, планирањето, стопанисувањето и аквакултурата на рибите и другите водни животни во риболовните води, рибниците, полурибниците и во други одгледувалишта на риби.

Покрај ова, со Законот се уредува и  ставањето на рибите во промет, но и работењето на установите и здружувањето во областа на рибарството. Исто така  се регулира и евиденцијата, заштитата на рибите и другите животни во водите на Македонија, како и други прашања од значење за рибарството и аквакултурата.

Одредбите Законот за рибарство и аквакултура се однесуваат за сите риболовни води и за сите риби во Македонија. Со Законот се предвидении и казнени одредби изработени во согласност со одредбите од Законот за прекршоци.

Првично Законот беше предвидено да биде донесен до мај 2007-ма но тој рок беше пролонгиран. Поради тоа Владата го поништи тендерот за издавање на Охридското Езеро под концесија. Неодамна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ацо Спасеноски најави дека тендер за избор на нов концесионер на Охридското Езеро ќе биде спроведен веднаш по донесувањето на Законот за рибарство и аквакултура. Во моментов Охридското Езеро нема стопан, а за физичката заштита заштита се грижат рибочуварска служба и Езерската полиција.

Г. Момироски