Советот на Општина Охрид на денеска одржажната 62-та седница со дваесет и три точки на дневниот ред, го усвои ребалансот на Буџетот на локалната самоупреава и донесе одлуки за измени на програмите од сите сфери.

 

Во предлогот за измени на програмата за спорт и рекреација за 2021 година, со ребалансот на буџетот, 27 милиони денари ќе бидат одделени за поддршка на спортот во градот. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека станува збор за огромни средства кои се префрлуваат на здруженија на граѓани и дека тоа не е во ред.

 

Од оваа говорница кога се зборуваше за префрлување на средства кон мали клубови од секторот за спорт рекоа дека не смее да се префрлаат толкави суми на пари на клубови на аматерски здруженија на граѓани. Со денешнава измена префрлуваме средства на здруженија на граѓани и тоа износ од сто илјади евра. Ако гледате во ставките на сите помали спортски здруженија секаде има зголемување на средствата. Прашањето е  дали денес пред седница или кога се одобрени средства се доставени нацрт-прогами како ќе се потрошат тие финансиски средства. – праша Гоце Георгиески од ВМРО-ДПМНЕ.

Координаторката на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Гордана Коњаноска истакна дека опозцијата не го поддржува ребалансот на буџетот бидејќи е нереален. Истакна, се работи за нерационално трошење на пари, без оглед дали се испочитувани правните процедури. Според неа 20 милиони денари за спорт и рекреација во услови на многу нерешени проблеми во градот е сума на пари за кои нема оправдување.

На расправата реплицираше Јоне Станкоски од Секторот за јавни дејности под кој спаѓа одделението за спорт. Тој истакна дека секаде каде што има зголемување на буџетот е по доставена програма. Посочи дека и во моментот кога бил носен буџетот во декември општината не ги покривала целосно барањата на клубовите и спортските организации, туку ги субвенционирала, а дека во овој момент се создадени услови кон нив да бидат префрлени повеќе средства.

 

Средствата се повисоки сега во овој момент, бидејќи е послабо стопанството. Единствен начин да функционираат клубовите во оваа ситуација е општината да ги помогне. Ако дозволиме сега да не функционираат, цел труд којшто генерации го вложиле ќе пропадне. Во најголем дел се работи за школи и клубови во кои се обучуваат мали деца, ако дозволиме да се случи да пропаднат ќе биде погубно за општината. Дополнително значат средства за стимулирање на масовни спортски организации. – истакна Станкоски

Градоначалникот Георгиески по дискусијата истакна дека процедурата и начинот на кој се префрлаат парите за спорт, е според процедура која е усталена во општината.

 

Работа на опозицијата е да забележува. Спортот е јавен интерес не е ни од ВМРО ни од СДСМ, тој е за граѓаните и треба ние како општина да договориме стратегија, ќе го развиваме спортот или ќе го пропаднеме. Јас кога го креиравме буџетот предвидов околу 30 отсто помалку од тоа што сите клубови го бараа. Идејата ми беше да ги анимирам управите на клубовите сами да се заангажираат, да ги валоризиираат ваучерите којшто им ги дава Агенцијата за млади и спорт, да го анимираат приватниот сектор за финансирање и уделот на општината во тие клубови да биде што помал. Станува збор за здруженија на граѓани кои треба да се трансформираат во акционерски друшта каде што општината во наредниот период преку соодветна трансформација и правни механизми ќе влезе како доминантен сопственик. На тој начин процедурата за префрлање на средства од општинскиот буџет ќе биде многу потранспарентна и законски по издржана. – истакна Георгиески.

Градоначалникот уште истакна дека буџетот за спорт е навистина поголем, но Охрид тоа го заслужува. Додаде дека по покажаните резултати би било штета да не се инвестира во спортот, бидејќи тоа е од јавен интерес.

Инаку, со ребалансот се релоцираа вкупно 43 милиони денари од програмите каде има понисока реализација, како и средства од непродуктивни трошоци, таму каде што за тоа има поголема потреба, во голем дел за инфраструктурни и други проекти од значење за граѓаните и градот, објасни Георгиески.

 

К.А.
Фото: А. Момироска