Советот на општина Охрид едногласно ги усвои предложените одлуки за давање согласност на Одлуката за усвојување на планот за поделба на МЈП „Проаква“-Струга со издвојување со основање на нови друштва и за отпочнување постапка за статусна промена на МЈП „Проаква“-Струга, Р.Е. „Водовод“-Охрид.

Ваквата одлука на советот, заедно со одлуката на струшкиот совет што е веќе донесена, оди до влада каде треба да се изјаснат дали се прифаќаат предлозите од двата совета. Доколку владата се изјасни позитивно, тоа ќе значи и почеток на самиот процес за поделба.

  • Целокупните побарувања и обврски на двете претпријатија- Водовод Струга и Водовод Охрид ги презема државата во рамките на новото претпријатие за грижа за колекторскиот систем. Двете единици стартуваат со основни средства кои ги имаат и се наведени во делбениот биланс. Со усвојувањето на предложениот делбен биланс од страна на владата ќе следи фаза на консолидација, што е исто така сложен процес, рече градоначалникот Јован Стојаноски.

Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков, го поздрави продолжувањето на процесот за поделба на МЈП Проаква кој започна во 2008 година и истакна дека се надева дека Водовод Охрид ќе биде претпријатие со кое ќе се гордее општина Охрид. При тоа, побара појаснување за тоа што ќе се случува со вработените.

  • Сега со стистематизација се поделени во работна единица Охрид и колектор РЕ Струга. Дали остануваат на истите позиции и работни единици или ќе има одредени измени? И дали ќе има зголемувања на бројот на вработени, праша Пецаков.

Од страна на градоначалникот беше кажано дека во планот за консолидација не е предвидено отпуштање на вработените и дека тие остануваат на истите работни позиции.

Директорот на Водовод Охрид, Владимир Алексијоски, изрази благодарност до советниците за едногласното прифаќање на одлуката со која, како што рече, ќе се реши горчливиот проблем околу колекторот, таканаречената еколошка бомба која ни се случува во градот.

Т.К.