Бродарите кои со години несебично го помагаат одржувањето на Охридскиот пливачки маратон, оваа година не беа дел од најголемата спортска манифестација во земјата поради забраната за пловидба што им ја изрече Капетанијата. Тие на денот на одржување на Маратонот најавија протест против односот на институциите кон нивниот проблем, но се откажаа од оваа демократска форма на изразување револт токму во интерес на маратонот. Велат дека ниту помислиле, ниту имале намера да го попречат одржувањето на маратонот.

– Ние ја известивме полицијата дека ќе го блокираме каналот Студенчишта, а не маратонот. Меѓу нас не постои болен ум кој ќе помисли да го блокира маратонот. Ние утрово поставивме брод кај каналот со цел да го блокираме, но го отстранивме од причина што луѓето кои излегуваат од каналот со пловни објекти се наши сограѓани, љубители на пливањето кои сакаат да го следат маратонот и за да не предизвикаме револт, бидејќи ја имаме нивната поддршка во  битката за решавање на нашиот проблем, се откажавме од блокадата, но повторувам блокада на каналот, а не на маратонот, изјави Горан Устијаноски од Здружението на бродари.

Тој најави дека во понеделник претставници на здружението ќе се сретнат со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, со цел да се изнајде решение за проблемот кој летово ја закотви охридската бродска флота.

OhridNews