Уредбата за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба e неуставна, односно нема врска со целта за која е воведена вонредната состојба. Вака денеска одлучи Уставниот суд и донесе решение за запирање на активностите што се преземени врз основа на оваа уредба.
Дополнувањето на владината уредба коешто беше донесено на 9 јуни, предвидува сите концесионери чии договори се истечени или раскинати задолжително да ги вратат плажите кои биле предмет на закуп во првобитна состојба и се забранува вршење на дејност.
Општина Охрид неодамна започна акција за уривање на бесправно изградените објекти, урбана опрема и разни конструкции на плажите чии договори се истечени, а се вон опфатот на Генералниот урбанистички план и кои го загрозуваат заштитеното светско природно и културно наследство во Охридскиот регион.
Правните експерти и познавачите на состојбите толкуваат дека одлуката на Уставниот суд се однесува на правото за вршење на дејност на регистрираните правни субјекти кои стопанисуваат со плажите. Од локалната самоуправа, пак, велат дека одлуката на Уставниот суд нема да ја запре акцијата за уривање на бесправното изградени објекти и отстранувањето на урбаната опрема и разни конструкции од првата зона од охридското крајбрежје. Појаснуваат дека решенијата за уривање на бесправно изградените објекти се донесени многу поодамна од дополнувањето на владината уредба за плажите.
Претпладнево Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески изјави дека локалната самоуправа ќе постапи по сите издадени решенија за отстранување на бесправно изградените објекти на крајбрежјето, неселективно, а акцијата ќе трае се додека не биде остранет и последниот таков објект.
OhridNews