Станува збор за членови со кои се предвидува електронските комуникации да можат да бидат следени од МВР без постоење на судски налог.
Според Уставниот суд, овие одредби се поништени бидејќи со нив биле доведени во прашање основните слободи и права на човекот и граѓаните, владеењето на правото, уставната гаранција за граѓаните за тајноста и сигурноста на личните податоци, заштитата на приватноста, достоинството и угледот на граѓаните, а доведена е во прашање и судската власт, со оглед дека без нејзин налог извршната власт може да дејствува.
Ова значи елиминирање на сите акти и дејствија преземени од дополнувањето на овие законски одредби до објавувањето на оваа одлука во Службен весник.
Одлуката била донесена со мнозинство гласови од бројот на судиите. Законот за електронски комуникации беше донесен во 2005 година, а дополнет двапати во 2007 и еднаш во 2008 и 2010 година.
Во Законот за кривична постапка и во Законот за следење на комуникациите кои исто така содржат одредби за прислушување, е предвидено постоење на судски налог.