Атлетичарката од Куманово, Матеја Ефремовска во Купот на Македонија кој се одржа во Охрид успеа два пати да го подобри рекордот во фрлање во диск кој пред десеттина дена прв пат го надмина во Софија, Бугарија. Таа одличниот викенд во Охрид го заокружи со второто место во дисциплината скок во височина и второто место со личен рекорд во фрлање ѓуле. 


Рекордот цели 26 години сопственост беше на Лила Петрушевска која имаше резултат од 38,20 метри. Кумановчанката во Софија го надмина за 29 сантиментри, а во Охрид го подобри со резултат 40,46 метри.


Нејзината прва љубов е атлетиката, но нејзина нова пасија е фудбалот каде што успешно се пробива во судиските води. Таа суди во Општинскиот и Регионалниот ранг во Куманово, а според квалитетот за брзо време ќе ја видиме на прволигашките и второлигашките терени. 


– Видов на телевизија оглас за судии, мојата мајка ми предложи да се пробам и се пријавив. На почеток ми беше многу интересно затоа и одлучив да продолжам да судам фудбал. – рече Ефремовска.


20-годишната атлетичарката ќе чекори на двете спортски стази без откажувања и сака напоредно успешно да ги гради кариерите.

– Продолжувам со двете работи да се занимавам со исто темпо без откажување. Во атлетиката иако млада имам големи успеси и посакувам настап на Олимпијада, а големи цели имам и во фудбалот каде што сакам да еден ден да бидам судија со знакот на ФИФА. – додаде Ефремовска.

Нејзиниот клуб Куманово благодарание на нејзините високи резултати се пласираше на втората позиција во генералниот пласман во женска конкуренција.

Мх.П.