Украинската државјанка која попладнево тешко се повреди при пад со параглајдер на планината Галичица успешно е извлечена по интервенција на посебната единица и хеликоптер на МВР во координација на сите надлежни служби од Македонија и Албанија и тимот за спасување на планина и непристапни терени при Црвен Крст Охрид.

Според првичните неофицијални информации, за време на летот на украинската параглајдеристка и се случил колапс на крило, поради што нејзиното летало неконтролирано почнало да се движи во правец на Албанија каде и паднала. Таа отворила помошен падобран, но не успеала да го избегне падот, а силниот ветер ја носел низ падината околу 200 метри. Незгодата ја забележал друг параглајдерист кој во истиот момент летал од Планината Галичица, кој слетал на местото на падот за да и помогне.

Повредената девојка е хоспитализирана во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид и се наоѓа вон животна опасност.

OhridNews