Успешно реализирано уште едно издание на Стартап Викенд Охрид 2024 кое се одржа од 26ти до 28ми април во организација на Стартап Македонија во соработка со Универзитетот за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле”.

Во рамки на истиот беа презентирани околу 20 идеи од страна на младите професионалци пред менторите и останатите учесници на настанот, по што следеше гласањето за најдобри идеи и изнаоѓање на нивни бизнис решенија. Работеа десет тима на исто толку идеи. На вториот ден од настанот беа одржани работилници и менторска експертиза од страна на менторите, додека третиот ден, со помош на менторите се доработуваа бизнис решенијата и тимовите се подготвуваа за финалните презентации пред стручнoто жири.

Првото место на Стартап Викенд Охрид го освои тимот Tail, составен од тројца учесници Кирил Младеновски, Петар Прентовиќ и Андреј Ангеловски кои изработија бизнис решение All-in one pet-care & pet-management platform за сите оние кои што имаат домашно милениче и им е потребна асистенција околу негувањето на истото.

Прентовиќ како дел од победничкиот тим Tail упати благодарност до сите учесници на овој настан затоа за поддршката во подготовката на целиот концепт за нанивната идеја.

Би сакал да им се заблагодарам и на организаторите, менторите и судиите кои што во овие 54 часа одиграа преголема улога во нашите одлуки кои што ги донесовме за да претвориме во идејата. Одлучивме да одиме со сосема нов концепт од идејата што првично ја имавме. Успешно го креиравме нашиот прототип и добивме позитивни мислења од страна на судиите, рече Прентовиќ.

Второто место го освои тимот на Strela, составен од четирите члена: Марија Миноска, Андреј Богатиноски, Сергеј Богатиноски и Анастасија Попоска со бизнис решение кое што им помага на малите бизниси и крајните потрошувачи во процесот на испорака на пратки. Strela би била компанија помеѓу поштата и продавачот, нудејќи им поевтини цени, броеви за следење и поедноставно доставувачко искуство.

Третото место замина во рацете на тимот Thrifty, составен од Един Хасангиќ, Стефан Анџеловиќ, Андреј Гавриловиќ, Виктор Китанов, Аниса Плакај и Мустафа Севим за бизнис решение кое претставува онлајн маркет за second-hand облека за бебиња и деца.

Имам позадина и искуство со UX/UI дизајн и Front-End Development и стручно образование од областа на информатика. Голем дел од искуството ми е базирано и на интернационалните проекти и пракси, кои покрај меки вештини и усовршување на техничките знаења, ме поттикнаа да завршам и дополнителни курсеви за дигитален маркетинг и бренд дизајн, а досегашните знаења и вештини се обидувам да ги пренесам преку менторства на проекти и држење часови. Упорноста, интегритетот и преземањето голема одговорност уште пред да се биде спремен за тоа се вредности што најмногу ги ценам, а области кои што најмногу ме интересираат се бизнис и технологија. Познавајќи ги моите интереси и карактер, сфатив дека стартап светот е вистинската работна средина за мене и мило ми е што Стартап Викенд Охрид ми го овозможи првото вакво искуство, вели Елена Петковска, учесник на Стартап Викенд Охрид 2024 и дел од тимот на Omnilyst.co

Бизнис идејата на која што работеле е Omnilyst.co која всушност е All-in-one платформа за креирање и менаџирање содржини за социјалните мрежи.

Анализирајќи го проблемот на контент креаторите каде повеќе од половина од нив се согласуваат дека процесот на креирање уникатни постови за кратко време е премногу стресен и тешко одржлив на долгорочен период, креиравме решение кое за почеток ќе нуди 3 главни алатки: генерирање персонализирани содржини со AI, автоматизација на распоред и следење на перформанси на постовите.

Дел од тимот на Omnilyst се и Милена Петковска, Ана Апостоловска и Павел Тасков, а Петковска посочува дека е горда што формирале сплотен и посветен тим, полн со конструктивни критики и најбитно, со смисла за хумор и покрај сета сериозност која ја бара работата.

Атмосферата и одличната организација на настанот ни овозможија услови максимално да се посветиме на развој на идејата, а советите и поддршката кои што менторите несебично ги дадоа, ни беа од голема помош. Дополнително, една од најголемите вредности која што ја дава Стартап Викенд е изложеноста кон многу информации, менторства, искуство и нови перспективи во само три дена на едно место, за кои што инаку, потребно е многу подолг период да се стекнат. Секако, овие три дена не би имале смисла доколку не овозможат поддршка и поттик учесниците понатаму да продолжат со развој на своите идеи. Со учеството на Стартап Викенд Охрид дефинитивно го добивме тоа и веќе се спремаме за следниот настан каде што ќе го претставиме прототипот за нашиот стартап Omnilyst, спремни за сите наредни предизвици кои доаѓаат со истото, додава Петковска.

Чест и задоволство ми беше да бидам дел од организацискиот тим на Стартап Викенд Охрид 2024, вели Јаков Јованоски, член на организацискиот тим на Стартап Викенд Охрид 2024.

Како домаќин во Охрид имав три цели за овој настан: да нема некој гладен, сите учесници и ментори да се насмеани и да излезат 5 иновативни стартапи кои ќе влезат во екосистемот за понатамошна работа на нив. Организирањето на ваков тип на настани е од голема важност за економскиот просперитет и зголемување на вработеност кај младите кое позитивно влијае врз масовоното иселување на истите. Ние од Стартап Македонија ќе продолжиме да им креираме можности за влез во стартап светот на сите заинтересирани професионалци, додава Јованоски.

Ова беше мојот 50-ти стартап викенд и втор во Македонија како фасилитатор, вели Симеоне Демалас, фасилитатор на Стартап Викенд Охрид 2024, посочувајќи дека Стартап Викенд како иницијатива е дел од глобалниот екосистем каде луѓето можат да научат да бидат претприемачи.

Да се биде претприемач е нешто што може да биде променливо за начинот на размислување на една личност и може да го промени буквално нивниот живот. За време на 54-те часа на настанот, луѓето учат како да градат компанија и да ги испробаат врвовите и падовите на создавање компанија без да ризикуваат ништо, истакна Демалас.

Некои победија, некои најдоа нови работни места, а други пак создадоа нови конекции. Но, едно е сигурно: Сите добија нешто плус во своите професионални кариери, посочуваат организаторите.

OhridNews