Немало посериозни интервенции во делот на сторување кривични дела и борба против криминал, а соработката се покажала како повеќе од успешна при реализација на заедничките патроли на српските и македонски полицајци во Охрид, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по средбата со претставниците на полицијата на Република Србија.

Овде сме заедно со полициските службеници од Република Србија во рамки на посетата која ја остварив кај српскиот колегата Ивица Дачиќ каде договоривме да имаме четворица полициски службеници кои во рамки на летната сезона ќе бидат во Охрид зошто знаеме дека имаме доста голем број туристи од Република Србија во Македонија и во Охрид. Огромна благодарност до полициските службеници од Србија за нивниот ангажман. Ме информираа дека поминале доста професионален период овде. Особено сум радосен што немало потреба од посериозни интервенции во делот на сторување кривични дела и борба против криминал. Но, ова е добра пракса. Тие беа овде две недели. Ќе гледаме наредната година нивниот ангажман да е зголемен, да се опфати целата сезона во Охрид, рече тој.

Министерот изрази задоволство што преку слична соработка имало присуство и на припадници на полицијата на Република Албанија во Струга.

Во рамки на градот Струга заклучно со вчера имавме двајца полициски службеници кои некаде околу два месеци беа на подрачјето на СВР Охрид. Можам да оценам дека оваа соработка која ја имаме со нашите соседи се покажува како исклучително успешна. Имаме наши полициски службеници кои ги праќаме во Црна Гора, Хрватска. Оваа соработка е многу добра и се надевам дека во иднина ќе ја зголемиме и ќе биде опфатена целокупната сезона, додаде Тошковски.

Припадниците на српското МВР од своја страна истакнаа дека од 19 август од кога пристигнаа во Македонија, било работено пред се во централното подрачје на Охрид, за среќа без потреба од некои посериозни интервенции.

Инаку, српски полицајци патролираат во Охрид согласно Протоколот за соработка меѓу МВР на Македонија и Србија. Во двонеделниот период беа ангажирани тројца полициски службеници на српската полиција од општа надлежност и еден од Одделението за криминалистика секојдневно кои работеа на терен заедно со нивните колеги од државава.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироски