Во рамки на „Неделата на италијанскиот јазик во светот“, а по повод  „Светскиот ден на борба против гладта“, во организација на Здружението на професори по италијански јазик, во гимназијата „Св. Климент Охридски” се реализира хуманитарна акција со наслов „Ла паста ин рете“ (La pasta in rete), во која учествуваа учениците и наставниците.

Идејата беше да се соберат  тестенини, кои како прехрамбен продукт се долготрајни и истите преку охридскиот Црвен крст да се достават до социјално загрозените семејства.

Под мотото „Заедно можеме повеќе”, кон акцијата се приклучија и други училишта од Охрид, Струмица и Струга, како и италијанскиот културен ценат „Џакомо Леопарди”.

Плакатот кој беше изработен за оваа цел и беше поставен во училиштата низ Македонија  го изработија гимназијалците од Охрид, Марио Петрески, Дејан Гаврилоски и Виктор Танески.

  • Охридските гимназијалци и овој пат воодушевија со својата организираност, зрелост, желба и подготвеност да помогнат и поради тоа, искрено им се заблагодарувам за учеството, а на учениците кои се и активисти од Црвениот крст, Охрид, благодарност и честитки за професионално извршената работа, вели професорката по италијански јазик, Милијана Машановиќ Стојческа.

По сугестија на секретарот на Црвен крст Охрид, Мимоза Ставреска, учениците ќе учествуваат во делењето на прехрамбените артикли до целните групи, што би придонело и од хуманитарен, но и од едукативен аспект.

Ова е втора хуманитарна акција по ред, организирана од страна на охридската гимназија, со поддршка од Црвениот Крст Охрид.

OhridNews